Во 2020 година во Кочани собрани 880 крвни единици

Планот за крводарување во 2020 година во Кочани е реализиран 70 отсто, информираше пред медиумите секретарот на Црвен крст Кочани, Анета Коцева.

Во текот на минатата година општинскиот Црвен крст во Кочани реализираше  16 крводарителски акции на кои се собрани 880 крвни единици, од дарители од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.

Во споредба со 2019 година постои незначително намалување на бројот на собрани крвни едници, а причината за истото се должи на пандемијата со КОВИД-19.

-Во изминатата година планот за крводарителство е реализиран 70 проценти и собрани се 880 крвни единици. Општинската организација на Црвен крст Кочани реализираше 16 крводарителски акции, од кои 12 во Црвен крст Кочани. Нашите предизвици за 2021 година ќе бидат мотивирање на младата популација и нивно проактивно вклучување во крводарителството како дарители или како млади мотиватори, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст Кочани.

Црвен крст Кочани во текот на минатата година ги адаптираше своите активности согласно промените кои ги донесе пандемијата со КОВИД 19. Крводарителски акции се спроведуваа со почитување на протоколите и мерките донесени од надлежните, додаде Коцева.

Поради отсуството на средношколците од настава не се реализираа предвидените 4 крводарителски акции за учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ и СОУ „Гошо Викентиев“.

Како надополнување на нереализираните средношколските акции, во текот на месец декември 2020 година во соработка со двете средни училишта од Кочани се спроведе крводарителска акција наменета за средношколци и млади дарители до 30 години која помина успешно. Реализирани се и три крводарителски акции со вработените во Полициската станица во Кочани во месеците март, јуни и ноември.

Од општинскиот Црвен крст инфомирираат дека првата крводарителска акција за 2021 година е закажана за следниот четврток, на 28 јануари од 08:30 до 14:00 ч. во просториите на Црвен крст Кочани.

И. Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial