Вработените во АД Водостопанство „Брегалница“ подружница Кочани утрово излегоа на мирен спонтан протест пред просториите на водостопанската подружница во Кочани.
Причина за протестот е неисплатените плати на вработените кои веќе влегуваат во третиот месец како немаат земено плата, лошите услови за работа и недостатокот на работници и соодветна опрема.
– Главната причина е што досега не ни се исплатени две плати, а веќе од утре влегуваме во третиот месец како немаме земено плата. Ние сме Акционерско друштво на ниво на Македонија кое со ваква поставеност не може да функционира. Во Скопје има вработено само 80 луѓе администрација, а ние овде во подружницата сме 20 вработени и 20-тина времено ангажирани луѓе за време на наводнителната сезона што претставува проблем во извршувањето на задачите. Денешниот предупредувачки протест е да го разбудиме менаџментот на Акционерското друштво и да ги слушне нашите реални проблеми, истакна Станче Стефанов, вработен во АД „Брегалница“ поддружница Кочани.
За ситуацијата со неисплатените плати веќе е запознаен Сојузот на синдикати на Македонија. Вработените меѓудругото бараат и целосна реорганизација на организационата поставеност на Акционерското друштво за да може истото да биде рентабилно и функционално.
– Станува збор за спонтан предупредувачки протест. Утрово протестираме за нашите плати и услови во кои работиме. Целта е да го слушнат нашиот глас, по протестот се враќаме на извршување на нашите секојдневни работни задачи – истакна Драга Петрова, вработена во АД Водостопанство „Брегалница“ – Кочани.
Водостопанската подружница „Брегалница„ Кочани подружница во која наплатата на воден надомест е 90 % што е меѓу најдобрите подружници кога станува збор за наплата на воден надомест во Македонија.
Пред една недела водостопанската подружница „Брегалница“ остана без електрична енергија откако поради неплатен долг ЕВН Македонија ги исклучи од мрежата за напојување.
И. Матеничарски