Одделението за внатрешни работи – Кочани во соработка со Црвен крст – Кочани денеска ја реализираа првата крводарителска акција во календарската година наменета за вработените во кочанската полиција.

На акцијата која траеше од изутрина до напладне крв даруваа 23 лица, вработени во Полициската станица – Кочани.

– Крводарителската акција е прва што се реализира согласно годишниот план за крводарителски акции во Одделението за внатрешни работи – Кочани. Сакам да изразам благодарност до колегите кои преку крводарувањето изразуваат солидарност, хуманост и придонесуваат за задоволување на крвните потреби во државата. Радува фактот дека кон акциите се приклучуваат и помлади колеги, но секако треба да се работи на мотивирање на што поголем број колеги да даруваат крв, истакна Сашка Стојанова, координатор за крводарителски акции во ОВР – Кочани.
Акцијата се спроведе со поддршка на екипа од Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.

Црвен крст Кочани во соработка со Одделението за внатрешни работи Кочани во текот на годината спроведува три редовни крводарителски акции, во месеците март, јуни и ноемвири, наменети за вработените во кочанската полиција.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов