Компанијата „Руен Инокс Автомобиле“ ја продолжува хуманата традиција на организирање на крводарителски акции за вработените во кочанската компанија.
31 крводарител денес даруваа крв на крводарителската акција што е прва годинава во „Руен Инокс Автомобиле“ преку што покажаа вистински пример за хуманост и општествена одговорност.
– Компанијата „Руен Инокс Автомобиле е прва приватна компанија во Кочани што организира крводарителски акции за своите вработени. Акциите ги реализираме со поддршка на Црвениот крст, двапати годишно за нашите вработени. Компанијата ја возобнови и ја негува традицијата уште од почетокот на работењето, менаџерскиот тим на чело со Драган Јорданов, меѓудругото возобнови и многу други традиции кои се практикувале во компанијата. Целта е како компанија да придонесеме кон задоволување на крвните потреби и резерви во Македонија, и со тоа да дадеме свој придонес, хуман гест и општествена одговорност, истакна Горан Томев, од компанијата „Руен Инокс Автомобиле“.
Акцијата се спроведе во соработка со општинскиот Црвен крст и екипа од Институтот за трансфузиона медицина – Штип.
Крводарителската акција во „Руен Инокс Автомобиле“ е пример за општествено и одговорно однесување кон заедницата кој треба да биде следен и од останатите компании, но и институции во Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов