Семејството Стоилови од Кочани обвинува дека вработени во локален погребален оператор украле вредни златни обетки на нивен покојник за време на подготовките за погребната церемонија.

Настанот се случил пред еден месец кога покојната вечерта, на 18 септември, на денот кога починала била предадена на погребалниот оператор за да биде пренесена во Градската капела пред утрешниот погреб. Семејството утредента на денот на погребот приметило дека обетките на покојната недостасуваат.
-Мојата покојна мајка, 82 годишната Ружа Стоилова од дома ја испративме со златни обетки, купени пред 50 години од мојот покоен татко, кои се на таков начин ставени што воопшто не може да се извадат, освен ако не се пресечат. Утредента кога отидовме на погребот, обетките ги немаше. Тоа е класично сквернавење на покојникот. Го прашавме погребалниот оператор “Касирец” за тоа каде се вредните обетки кој притоа не ни даде конкретен одговор, освен тоа што рече дека неговите вработени ги немаат земено. Пријавено е во полиција, бидејки очигледно обетките се украдени, ни сподели Едита Стоилова, ќерка на покојната Ружа.
Стоилова рече дека обетките освен што се вредни, имаат и сентиментално значење за нивното семејство, спомен на нејзиниот татко кои покојната мајка ги носела педесетина години без да ги вади.
-Нечовечки и нехумано е на ваков начин да се однесува спрема еден покојник. Вакви работи сигурно се имаат случено и на други покојници чии фамилии во тие моменти на тага, можеби воопшто не приметиле. Тоа е сериозен криминал, додаде Стоилова.
Интернет-порталот „Гласно“ телефонски го контактираше сопственикот на локалниот погребален оператор кој ни соопшти дека е запознаен со случајот, но притоа додаде дека обвинувањата се неточни и дека тие немаат врска со случајот.
-Ние сме професионален погребален оператор што работи дваесет и пет години во Кочани. Запознаени сме со случајот бидејки самите ние го пријавивме во полиција, но немаме никаква вмешаност во истиот. Конкретно, покојната беше преземена од наша страна од домот и само пренесена во капелата. Чувањето во капелата му припаѓа на капеларот при КЈП „Водовод“ во Кочани. Притоа, во ист момент, по наши сознанија подоцна во капелата се донесени и други покојници од друг погребален оператор што влегувале во просторијата. Целосно ги отфрлам обвинувањата и ги сметам за невистинити кои имаат за цел да го нарушат угледот на нашиот погребален оператор, ни соопшти сопственикот на локалното погребално претпријатие од Кочани.
Семејството Стоилови ни сподели дека размислува да поднесе приватна тужба кон погребалниот оператор и случајот да се решава по судски пат.


