Општина Кочани вечерва на свечен настан во Хотел – ресторан „Национал“ ги додели признанијата на најуспешните во спортот во минатата 2022 година.
Во присуство на голем број спортисти и спортски работници беа доделени плакети и признанија во шест категории и тоа, најдобри млади надежни спортисти, тренер, спортски работник, најдобра спортска екипа, спортска личност и најдобар спортист на Кочани за 2022.

Признанието Најдобар спортист на Кочани за 2022 годинава го понесе фудбалерот на ГФК „Осогово“, Тоше Манов, плакета која лично му ја врачи градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

– Оваа награда претставува мотивација да продолжам со добрите игри во „Осогово“ , да ја радуваме кочанската публика и да го вратиме „Осогово“ кадешто му е местото. Очекуваме уште подобри игри на клубот за да го задржиме првото место на табелата и да го вратиме „Осогово“ во Втората лига – истакна Тоше Манов, спортист на Кочани за 2022 год.

Признанија беа врачени и на каратистот од КК „Партизан“, Филип Стојанов, шахистката од ШХК „Кочани“, Јована Давиткова, гимнастичарот од КГС „Кочани“, Мартин Андонов, каратистката Наталија Карова и фудбалерката од ЖФК „Кочани“ Симона Веселинова.

Во категоријата на Најдобра екипа за 2022 година, плакети доби Пинг – понгарската екипа „Кочани“. Кочанската пинпонгарска екипа минатата година се покажа како најуспешна со пласман во највисоката Супер лига во пинг-понг во Македонија.

Признанието Најдобар тренер во 2022 година му припадна на Оливер Јовановски, стратег на ЖФК „Кочани“ од Кочани, додека Бранко Богатинов од ГФК „Осогово“ се здоби со признание за Најдобар спортски работник/спортска личност во минатата година.


Посебното признани – Плакета за развој и поддршка на ГФК „Осогово“ доби Здружението на граѓани „Никола Мантов“ – Кочани, а признание за Спортска личност во отсуство беше врачено на фудбалерот Јован Манев кој ги брани боите на турскиот прволигаш „Адана Демиспорт“

Годинава признанија и благодарници беа доделени на сите пријавени спортисти во категоријата Млад надежен спортист на Кочани, како мотивација на пријавените за уште поголеми успеси и нивен професионален развој.

Изборот на најуспешните спортисти на Кочани за 2022 година го направи Асоцијацијата на новинари – Кочани, врз основ на спортските успеси на пријавените кандидати во изминатава година.
И. Матеничарски




