„Времето раскажува“ – Прва самостојна изложба на графики на Симон Илиев

Во НУЦК „Бели мугри“ во Кочани денеска беше отворена првата самостојна изложба на графики  на авторот м-р Симон Илиев, насловена „Времето раскажува“.

Изложени се 18 графики работени за време и по завршување на студиите на младиот уметник, во техниките литографија, алграфија, сува игла, акватинта и бакропис, дела со мотиви инспирирани од носталгијата на авторот за родниот град Кочани.

-Ова е моја прва професионална изложба откако се занимавам со уметност. Изложени се 18 графики работени  за време на студиите и по завршувањето. Изработени се со различни техники, но најмногу е изразена техниката литографија. Сакам да се заблагодарам на Домот на културата, на директорката и на Александра Димитрова која ми помогна во реализацијата на изложбата. Моите планови се да продолжам да создавам нови дела и изложби на повеќе локации во Македонија, истакна авторот Илиев.

Изложбата ќе биде отворена од денес па се до петок во периодот од  08:00 до 16:00 ч. во Центарот за култура „Бели мугри“.

Изложбата е во годишната програма на НУЦК „Бели мугри” – Кочани, финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: