Доброволното противпожарно друштво – Кочани ја реализираше најавената донаторска гала веечер, како дел од програмските активности за тековната година на која присуствуваа претставници на бизнис секторот, локалната самоуправа, донатори и граѓани.
Донаторската гала вечер е втора што во текот на своето постоење ја организира ДПД-Кочани, со цел собирање на финансиски средства за доопремување на капацитетите на кочанското доброволно друштво.
– Идејата на гала вечерта која е од донаторски карактер е пред јавноста да го презентираме се она што досега го сработивме, но и да ги најавиме нашите идни планови, при што од присутните ќе побараме поддршка како и до сега. Донаторската гала вечер има за цел собирање на финансиски средства за набавка на два АТВ мотори, кои сметаме дека ќе бидат од голема корист за справување со пожари на отворен простори и во шума, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Од Доброволното противпожарно друштво – Кочани истакнаа дека минатата 2023 година е успешна за самото друштво за што говорат и постигнатите резултати, како во интервенции така и во доопремување на друштвото.
– Во 2023 година набавивме пратечко возило, автоцистерна, набавка на комби возило за технички интервенции, потоа донација на техничка опрема од Германска амбасада со која ги збогативме нашите капацитети. Реализиравме и проект „Млади волонтери за сигурна средина за живеење“, со поддршка на УНДП и Општина Кочани како дел од Релоад2 програмата. Преку него обучивме ученици од двете средни за теоретско и практично справување со пожари, соопшти Илијев.
Во тековната година, Доброволното противпожарно друштво и Територијаната противпожарна единица – Кочани работат на заедничка програма за имплементација на активност со акцент на младите од основните и средни училишта од општината.
– Планираме набавка на едно пикап возило, како и реконструкција на општински простор со намена за гаражен простор за потребите на ДПД – Кочани и ТППЕ, додаде Илијев.
ДПД – Кочани информираше дека е остварена соработка со Германсакта амбасада за почетни активности за изградба на пожарникарски тренинг центар. Веќе се отпочнати разговори со локалната самоуправа за погодна локација за градба при што ќе следи изработка на проект и аплицирање до Германската амбасада, при што се надеваат на позитивен одговор за негова реализација.
И. Матеничарски