Жители на Кочани денеска повторно се собраа на мирен протест пред влезната капија на фабриката за хартија „Пејпар Мил“, во рамки на закажаните повеќедневни протести пред кочанската фабрика за рециклирање на хартија.
Барањата до менаџментот на фабриката и надлежните институции и денес останаа исти, фабриката во работењето да користи метан наместо пелети, но и да се регулира испуштањето на отпадна вода од фабриката во Оризарска река.

Граѓаните на протестот споделија фотографии и видео материјал кои како што велат се снимени денес. На видеото се гледа истекување на валкана вода со белузлава боја која потоа се влева во Оризарска река и според нивните сомневања е загадена.
Присутните на протестот договорија да се покрене иницијатива до Советот на Општина Кочани за организирање на јавна трибина на која ќе бидат поканети претставници од Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), локалната самоуправа, еколошки здруженија и граѓани на која преку дијалог ќе се донесат заклучоци кои ќе бидат појдовна точка за понатамошното делување на граѓаните.

Претставници на еколошки здруженија најавија дека ќе земат мостри од отпадните води кои ги испушта фабриката за хемиска и биолошка анализа заради утврдување на степенот на загаденост на водата.
Мирните граѓански протести продолжуваат и во наредните денови, од 16 ч. до 18ч. пред фабриката за хартија. Присутните на протестот очекуваат и апелираа на што поголема масовност и поддршка од населението.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов


