Граѓаните на Кочани, најверојатно градоначалник ќе изберат во вториот круг од Локалните избори (31октомври), според објавените резултатите на интернет апликацијата на Државната изборна комисија.
Кандидатот за градоначалник на Кочани од СДСМ, Николчо Илијев, во првиот круг на локалните избори е во тесно водство пред опонентот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Папазов. Според преброените гласови и информацијата од Државната изборна комисија Илијев има блага предност од само 473 гласа пред Папазов од ВМРО-ДПМНЕ.
Според податоците од обработени од Државната изборна комисија, Илијев освоил 7.963 гласови, додека Папазов, 7490.
Голема е и бројката на неважечки ливчиња на гласањето за градоначалник и изнесува 1082. Излезноста на локалните избори во Кочани за градоначалник е 50.15 отсто, односно 16.535 гласачи.
И податоците за избраните членови на Советот говорат за израмнетиот резултат меѓу двете партии, но и останатите советнички листи.
Според податоците од ДИК советничката листа на СДСМ и коалицијата освоила 6.420 гласови, додека на ВМРО-ДПМНЕ 6.261 што е разлика од 159 гласови во корист на СДСМ. Независната листа на носителот Венко Крстевски освои 1.382 гласови, партијата Левица 846 гласови и коалицијата „Одлучно за промени“ на ЛДП-ДОМ 756 гласови.
На интернет-апликацијата на Државната изборна комисија недостасува симулацијата на распределба на Советнички места во Советот на Општина Кочани.
Во моментот течат роковите за поднесување на приговори до Државната изборна комисија, по што ќе следи официјализирање на резултатите.