В недела на 29 мај на Дабот кај с. Бели ќе се одржи манифестацијата Етно Вешта жена со хуманитарен карактер

Забава, дружење, уживање во храна и специјалитети, но и покажување хуманост. Во месноста  Кај Дабот во селото Бели в недела на 29 мај по седми пат во Кочани ќе се одржи манифестацијата  Етно Вешта жена. Жените од Кочани и уште од 15 други градови од републиката ќе ја покажат  својата хуманост и дар кон Бога  и ќе подготват   традиционални убави трпези. Собраните средства од продажбата на подготвените јадења ќе бидат наменети за доизградба на црквата во  с. Бели.

Специјалитети подготвени по рецептите на нашите баби  карактеристични за градот каде што се одржува манифестацијата. Етно вешта жена по седми  пат ќе се одржи  во Кочани, односно во месноста Кај Дабот во селото Бели. Преку убаво подготвени трпези со традиционални јадења жените ќе ја покажат својата хуманост и ќе донираат за доизградба на црквата во селото Бели  на темелите на старата црква стара 200 години.

Во овогодишната манифестација „Етно вешта жена“ со свои трпези со рецепти каракетристични за својот град ќе се претстават учеснички од Тетово, Скопје, Велес, Гостивар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Кичево, Струга, Битола, Кавадарци, Прилеп, Македонска Каменица, Неготино, Виница и градот домаќин Кочани.

Со помош на вештите жени и секако со одобрение на црковниот одбор при манастирот Св. Илија во селото Бели се планира убава организација на манифестацијата со настап на фолклорни друштва од Кочани. Манифестацијата е во организација на мултиетничкото и мултикултурно здружение на жени „Вешта жена на Р. С. Македонија“. На сите присутни на настанот ќе биде поделен и ручек, а манастирот ќе биде отворен за посетители и верници.

На градовите учесници ќе бидат поделени и лепчиња со паричка и во тој град каде што ќе се падне паричката догодина ќе се одржува манифестацијата. Ќе се доделуваат и благодарници за учество.

За кочанската трпеза ќе се погрижат организаторките од Кочани кои што ќе  подготват и  јадења направени од кочанското бело злато оризот. Одѕивот на жените за учество и хуманост е голем. Манифестацијата ќе започне  во 11 часот.

Т. Велкова

Сподели: