Со блокирање на механизацијата која работи на изградбата на експресниот пат Штип-Кочани, жителите на селата Спанчево, Соколарци и Бања в сабота (24.07) на протест ќе искажат револтот, со единствено барање изведувачот на експресниот пат да им им се обезбеди пристап до земјоделските површини.
Протестот ќе биде на клучката кај селото Спанчево, во периодот од 10 до 12 ч., а причината е што со комплетирањето на новата сообраќајна инфраструктура, жителите ќе останат без пристап до земјоделските површини.
-Месните заедници од трите села повеќепати реагираа, упатија писмени и усни барања до општина Чешиново-Облешево, до инвеститорот, до изведувачот и надзорот на градежните работи, да се обезбеди траен пристап до нивите. Не е добиен никаков одговор од ниту една страна. Поради тоа, како предупредување, ќе ја блокираме механизацијата на изведувачот, со што очекуваме нашиот проблем сериозно да биде сфатен и да се најде соодветно решение, истакнуваат организаторите на протестот.
Организаторите на протестот очекуваат дека нивните барања ќе бидат прифатени во целост, а изведувачот ќе им обезбеди соодветен пристапен пат до земјоделските површини.