В сабота 22 август со почеток од 11:00ч пред влезот на фабриката за хартија „Пејпер Мил“, група граѓани од Кочани („За чисто Кочани Македонија“) организираат нов протест, поради енормното загадување на воздухот во градот, предизвикано од фабричкиот оџак.
Во повикот до граѓаните стои:
„Веќе подолго време се соочуваме со високо загаден воздух во Кочани. Главен и најголем загадувач е фабриката Пејпермил. Секојдневно над оваа фабрика има огромен чад, кој енормно ја загадува целата околина во близина на Атомските Згради, а и пошироко.
Покрај загадувањето на воздухот, неодамна беше констатирано дека истата фабрика ги загадува и водите на Оризарска Река (http://www.komarec.com.mk/?p=31073).
Бидејќи челните луѓе не прифаќат да постават соодветни филтри или да користат еколошки енергенси, ние граѓаните бараме затворање на фирмата се додека не се гарантира дека вакво загадување веќе нема да има.
Протестот ќе се одржи на 22 Август, во 11 часот.
Затоа што протестот ќе го одржуваме во време на пандемија, сите учесници да излезат со коли (максимум двајца во кола) или доколку се без кола, МОРА ДА НОСАТ МАСКА ИЛИ ВИЗИР И ДА ДРЖАТ ДИСТАНЦА ЕДЕН ОД ДРУГ ОД НАЈМАЛКУ 2 МЕТРИ.
Целта ни е преку мирен протест да го израземе нашиот револт и да ставиме на знаење дека не можеме повеќе да го толерираме загадувањето кое секојдневно го нарушува здравјето на нас и нашите најблиски.
Зад протестот не стои поединец и се оградуваме од секаква партиска поврзаност. Држењето дистанца и носењето маски е одговорност на учесниците на протестот“-информираат од „За чисто Кочани Македонија“.