Гимназијата „Љупчо Сантов“ организира отворен ден за идните средношколци

СОУ „Љупчо Сантов“  утре (петок) организира отворен ден за идните средношколци на кој ќе бидат промовирани струките и профилите за изучување во учебната 2021/2022 година.

Освен во постоечките струки,  гимназиско образование и економско правна и трговска струка, идните средношколци за прв пат годинава ќе имаат можност да се запишат и во профилите бизнис администратор и хемиско-лаборантски техничар кои се дел од новиот концепт на дуално образование.

-Преку дуалното образование учениците своите знаења и вештини ќе може да ги стекнуваат преку практична настава. Училиштето склучи меморандум за соработка со повеќе компании кои ќе им помогнат на учениците да ја реализираат својата практична настава. Промоцијата е дел од кампањата „Учи паметно, работи стручно“ организирана од Министерството за образование и наука.  По тој повод ги покануваме сите деветтодделенци и нивните родители да присуствуваат на настанот кој е закажан за утре, петок од 13 ч. во училишниот двор  на кој ќе се запознаат со можностите, условите и профилите кои ги нуди нашето училиште, истакна Катерина Димитрова, дефектолог во СОУ „Љупчо Сантов“.

Учениците кои ќе се запишат во дуалните паралелки ќе бидат стипендирани со сума од 3500 денари за девет месеци во текот на учебната година. Новите паралелките ќе бројат по 25 ученици.

„Поените за запишување во гимназиската и економско правната и трговска струка се 60, додека за профилот лаборантски техничар потребни се 25 поени“, додаде Димитрова.

Сподели: