Гласањето за двојните избори навремено почна на 63 избирачки места во Кочани

Вториот круг од претседателските и парламентарните избори утрово во 7 часот почна на територијата на општина Кочани.

Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК), Билјана Димовска-Гичева информираше дека сите избирачки места се отворени точно на време. На избирачкото место 0838/1 лоцирано во СОУ „Љупчо Сантов“ регистриран е проблем со апаратите за биометриска идентификација на гласачи, т.н фингерпринтови при што, согласно решението на Државната изборна комисија гласањето продолжува по стар начин, односно со УВ ламба и спреј.

– Во Кочани до 9 ч. на вториот круг од претседателските избори излегле 1589 гласачи, односно 4,9 отсто од запишаните избирачи. На парламентарните избори своето право на глас го искористиле 1591 гласач (4,89%), информираше Димовска-Гичева.

Право на глас на претседателските избори имаат 32.481 гласач, додека 32.570 гласачи се запишани во избирачкиот список за парламентарните избори.

Своето демократско право граѓаните ќе можат да го остварат на 63 избирачки места, односно 59 локации, со оглед на тоа дека четири места се со помалку од десет запишани избирачи кои ќе гласаат во соседното најблиско избирачко место.

Гласачите места ќе бидат отворени до 19 ч.

И. Матеничарски

Сподели: