Мирна и тивка мартовска ноќ регистрира објективот на интернет-порталот „Гласно“, вечерва во Кочани нешто по 22 ч.
На деветата ноќ од воведувањето на забраната за движење низ кочанските улици можеа да се забележат само полициски службеници и граѓани со посебна дозвола за движење.
Генералната оценка е дека полицискиот час кој е воведен како мерка за заштита од ширење на заразата од Ковид – 19 доследно се почитува од страна на граѓаните на Кочани. Како потврда на ова е и информацијата од Секторот за внатрешни работи – Штип (СВР-Штип) дека во првата недела од спроведувањето на мерката за забрана за движење во периодот од 22 ч до 05 ч. полицискиот час во Кочани го прекршиле само седуммина граѓани.
Вечерва во Кочани полицијата на неколку пункта и со патролни екипи, на висина на задачата ја спроведува мерката за забрана за движење. Единствено на улиците можеа да се забележат возила со посебна дозвола, кои по извршената контрола од полициските службеници, продолжуваа со своето движење.
За време на вечерашнава обиколката на улиците во Кочани не беа забележани лица кои се движат без дозвола. Сите граѓани кои беа исконтролирани од полицијата со себе носеа уредна важечка дозвола за движење.
Освен на централните улици, полициски пунктови и патроли има и во приградските населби во градот.
Граѓаните кои за време на забраната за движење имаат итна потреба за посета на здравствена установа потребно е своето движење да го најават на дежурниот телефонски број на полицијата 192.
Полицискиот час започна од 10 март и ќе трае во следните две недели, односно, до 22 март како превентивна мерка за спречување на ширење на заразата од Ковид -19.
Во моментов во Кочани активни се 198 случаи на заразени со корона вирус.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов
За видео кликни ОВДЕ.