„Гласно“ нема да учествува во изборот на спортист на Кочани за 2023 год.

Интернет порталот „Гласно“ ја известува јавноста, спортските клубови и спортисти дека како локален медиум годинава нема да учествува во составот на жири комисијата за изборот на добитници на признанија за спортист на годината.

Ваквата одлука на уредништвото се должи на јавниот линч и закани кон новинарите кои го направија минатогодишниот избор на спортист на Кочани за 2022 год., кога поради направениот избор и дадениот глас новинарите и медиумите беа јавно прозвани и навредувани на социјалните мрежи.

Дел од навредите доаѓаа од спортски клубови и тренери кои во текот на целата година НИТУ ЕДНАШ не известија до медиумот „Гласно“ за кој било спортски успех на нивни членови, клубски успех, првенство или семинар.  За потсетување, токму поради селективноста во соопштувањето на информациите (информации за успесите беа споделувани до други медиуми, но не и до „Гласно“) самиот клуб направи неправда кон своите спортисти, а не како што тогаш велеа , новинарите кон спортистите.

Поради нивната селективност во споделувањето на информации до медиумите, „Гласно“ за жал не ги следеше и не беше запознаен со спортските успеси на нивните членови и клуб и поради недостаток на информации можеби гласале спротивно од клубската/тренерска волја.

Освен тоа, во коментари на социјалните мрежи беа упатени и закани кон новинари од претставник на друг клуб кој во меѓувреме згасна, дека новинарите гласале така како што гласале затоа што „НЕ БИЛЕ ТЕПАНИ“, а не изостанаа и закани за тужби од страна на членови на потесното семејство на еден од кандидатите за спортист на годината.

Дополнтелно, од Општина Кочани во ниту еден момент не застанаа во одбрана на жири-комисијата по јавниот линч кон новинарите, членови на жирито, туку народски кажано стоеја на страна и гледаа сеир.

За да се избегнат дополнителни недоразбирања, уште еднаш нагласуваме дека интернет-порталот „Гласно“ нема да учествува во изборот на спортист на Кочани за 2023 год., но во интерес на јавноста ќе информира за одлуката на жири комисијата за најуспешните во спортот за минатата година.

И. Матеничарски

Сподели: