Годинава помалку пожари на отворено од лани – добрите земјоделски пракси можат да го намалат палењето на стрништата

Во периодот од 1 август 2019 до 1 август 2020 година, Територијалната противпожарна единица има регистрирано вкупно 405 интервенции, од кои 225 биле на отворен простор, 90 на објекти, 80 технички и 10 на патнички моторни возила. Статистиката покажува дека повеќе од половина интервенции биле гасење полски пожари, предизвикани од спалување на стрништата и други земјоделските површини.

Според командирот на кочанската противпожарна единица Благој Паунов, ваквата состојба е неповолна, бидејќи високиот процент пожари на отворен простор ги намалува техничките и човечките ресурси коишто треба да одговорат на други цели и задачи, претставува животна опасност и во голема мера ја загадува животната средина. Добрата вест е дека нивниот број годинава е намален за 50 интервенции во споредба со претходната година.

Проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка, „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“ што се спроведува во рамките на Програмата за зачувување на природата, преку кампања влијае на јавната свест за штетите од палењето на жетвените остатоци, но и на зачестеното патролирање на надлежните службеници од земјоделскиот инспекторат, полицијата и противпожарната единица.

Савка Веселинова, земјоделски инспектор, вклучена во проектот „Добра земјоделска пракса“ ги поддржува мерките и заклучоците произлезени од активностите на проектот.

– Претстои период на нови опасности од палењето на стрништата, што доаѓа по завршувањето на жетвата на оризот.

Примената на добра земјоделска пракса е неопходна за да се намалат и искоренат лошите навики. Во таа смисла, треба да се обезбедат што повеќе комбајни со можност за сечкање на сламата, приватниот сектор да се вклучи со искористување на оризовата слама за изработка на пелети и Пречистителната станица да ја користи сламата за ѓубриво.

Со такви околности земјоделците помалку ќе ги палат жетвените остатоци – истакнува Веселинова.

Покрај казните кон сторителите, населението во кочанските села, кое претежно е земјоделско, се информира за штетноста и опасностите од предизвиканите пожари, но и можностите за одржливо управување со жетвените остатоци.

Сподели: