На интересен, неизвесен и возбудлив натпревар, ГФК„Осогово“ ја забележа првата победа во Втората Македонска фудбалска лига-Исток и со резултат од 5:4 ја совлада екипата на ФК„Росоман 84“, на дерби натпреварот од 7-то коло на натпреварувањето што попладнево се одигра на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани.
Натпреварот го отворија гостите уште во првата минута кога по грешка на домашната одбрана, Слободан Дуков стрелаше за 0-1 што воедно беше најава за натпревар со многу голови.
„Жолто-сините“ израмнија во 21’ кога по нафрлување од десната страна, Димитар Иванов со глава стрелаше за 1-1. Во 30’ беше досуден корнер за „Осогово“, а највисок во скокот се најде Христијан Крклински кој без проблем ја смести топката во противничката мрежа за водство на кочанци од 2-1.
Радоста за „Осогово“ траеше кратко бидејки во 35’ минута по едно недоразбирање во одбраната на „Осогово“ , Стефан Костовски стрелаше за израмнување на „Росоман“ со 2-2, резултат со кој двете екипи заминаа на полувреме.
Во второто полувреме „Осогово“ повторно дојде до водство со вториот гол на Христијан Крклински во 51’ кој повторно со глава по нафрлувањето од прекин на Велинов, постигна гол за водство од 3-2. Во 53’ беше досуден пенал за „Осогово“, а од белата точка за 4-2 стрелаше Стојанчо Велинов. Фудбалерите на „Росоман“ бргу успеаа да вратат, па во 55’ преку Бојан Миланов намалија на 4-3. Во 61’ Стојанчо Велинов по гужва во противничкиот шеснаесетник успеа да постигне гол од место за 5-3. Десетина минути подоцна беше поставен и крајниот резултат, кога Кирил Стојчев од „Росоман“ стрелаше за 5-4.
Натпреварот изобилуваше со гол шанси, а одбраната како слаба точка на двете екипи, понуди натпревар во кој мрежите се тресеа дури девет пати.
Најуспешни во тимот на „Осогово“ беа Стојанчо Велинов и Христијан Крклински со по два постигнати погодоци.
Во следното коло ГФК„Осогово“ патува за Македонска Каменица на натпревар против тимот на „ Каменица Саса“.
На останатите натпревари од Втората Македонска фудбалска лига- Исток беа постигнати следниве резултати.
Табела:
И.Матеничарски
Фото:А.Арсов