38 – годишниот Горан Зашов од Кочани го фати крстот за Водици на традиционалната црковно-верска манифестација за осветување на водите на Кочанска Река по повод празникот Богојавление – Водици.


Зашов беше најсреќниот и успеа прв да го извади Светиот крст од водите на Кочанска Река од 44-те пријавени момчиња кои годинава скокаа по крстот.

– Веќе десет години се фрлам по крстот и втор пат како го фаќам светиот крст во водите на Кочанска Река, претходно го фатив во 2022 година. Господ одлучил крстот да биде во мои раце, посакувам на сите граѓани и христијани да и го честитам празникот Богојавление Водици. Сите нека бидат живи и здрави и Бог да ги благослови сите христијани, рече Зашов.

Храмот „Св. Великомаченик Георгиј“ го даруваше Зашов со Библија, традиционално, градоначалникот Љупчо Папазов во името на граѓаните на Кочани му подари златник, а компанијата „Зегин“ вредносен ваучер.


Чинот на осветување на водите на Кочанска река и потопување на Светиот крст го изврши Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужителство на свештеници од храмот „ Св. Вмч Георгиј“ – Кочани. Претходно, во кочанскиот црковен храм се одржа Света Божествена литургија и традиционална лицитација на икони од страна на верниците.

Студеното време не ги одврати верниците и годинава да го преполнат кејот на Кочанска Река по повод празникот Водици.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов
