Градоначалникот Илијев ги посети дежурните полициски служби за време на полицискиот час

Градоначалникот на општина Кочани Николчо Илијев, вечерва ги посети дежурните полициски служби, за одблиску да се информира за почитувањето на забраната за движење од граѓаните.

-„Полициските служби информираа дека прекршувања има – за што следат санкции, а регистирани се и имотни деликти. На земјоделските површини е забележано палење на стрништата.
На сите граѓани што се придржуваат кон мерките за заштита од ширење на болеста КОВИД-19, им благодарам за одговорноста и придонесот за чување на јавното здравје.
Ги повикувам земјоделците да не ги палат остатоците од оризовата слама, да не ја загадуваат животната средина и со палењето да не ја усложнуваат и онака комплицираната состојба“ напиша на фејсбук градоначалникот Николчо Илијев.

Поради енормната потрошувачка на вода од Градскиот водовод која е забележана денеска, Илијев апелираше граѓаните рационално да ја користат водата, се со цел да се избегнат несакани рестрикции.

За проблемот со потрошувачката на вода денес со соопштение реагираа и од КЈП „Водовод“. Тие упатија повик до граѓаните водата да се користи рационално, да се избегнува наводнување на градините и дворовите, за да не снема вода за најосновните намени.

И.Матеничарски

Сподели: