Градоначалникот Илијев на брифинг со новинарите: Инвестираме за развој на туризмот на Пониква

На брифинг со новинарите во Туристичкиот инфоцентар „Пониква“, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев информираше за реализираните проекти и активности за развој на единствениот ски-центар на Осоговските Планини и истокот на државата.

На средбата со претставниците на локалните и регионални медиуми, Илијев се осврна на инвестициите кои изиминатиов период придонесоа за турстички развој на Пониква.

– Во делот на активностите за развој на туризмот на Пониква, целосно ја подобривме патната инфраструктура со реконструкција на делницата од Кочани до СРЦ „Пониква“. Изминатиов период со помош на Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка реконстурирани и целосно во функција се ставени ски-лифтовите на Пониква. Покрај ова, со средства од основниот буџет изработен е проект за изградба на брана на Арамиска чешма, со што ќе се реши проблемот со водоснабдувањето на Пониква и неколку планински села, истакна градоначалникот Илијев.

Илијев додаде дека во рамки на проектот Планински велосипедски рај до крајот на месец  јуни се очекува изградба на 35 км. велосипедска патека од Пониква -Брана Гратче – Кочани (месност Бавчалук) со цел развој на планинскиот велосипедизам, а до карабина изграден е и Планинарскиот дом на Пониква.

Во делот на урбанистичкото планирање на Пониква, маркирани се парцели за изградба на викенд куќи и сместувачки капацитети, но заеднички е заклучокот дека во минатото не е водено грижа околу урбанистичкото планирање и градење на Пониква, што сега создава дополнителни проблеми.

Во делот на недостатокот на паркинг места, градоначалникот Илијев соопшти дека се прават напори во соработка со ЈП „Македонија Пат“ веќе за викендов што следи да се подготви дополнителен простор за паркирање кај „Аеродромот“, со цел да не се создаваат километарски колони со возила долж патниот правец.

Во текот на минатата година дел од Осоговските Планини беа прогласени за заштитено подрачје што е дополнителен мотив за туристички развој на Пониква.  

Во рамки на подобрување на инфраструктурата на Ловниот резерват „Полаки“, заменета е дел од оградната мрежа во должина од 6 километри, а набавен е и трофеен дивеч, три елени лопатари, додека дополнително ќе се населат уште 12 единки.

Новинарите меѓудругото се интресираа и за загадувањето на воздухот во Кочани како и изградбата на мини хидроцентрала на Мала Рака, при што беше речено дека Општина Кочани ги презема сите законски мерки и правни инструменти во врска со посочените проблеми, кои пред се, влијаат на здравјето на граѓаните, но и на туристичкиот развој на општината.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: