Градоначалникот Илијев на средба со новинарите

Во наредната година во Кочани ќе се градат 30 улици во градот и во населените места, а обезбедена е реализација на десетина капитални проекти, меѓу кои е изградбата на новата детска градинка, реконструкцијата на Мултикултурниот центар, на Градскиот парк…

„Ако во минатото за развојните програми се издвојувале 50 до 60 милиони денари, сега наменуваме 118 милиони денари што е неспоредливо со претходно“ истакна градоначалникот на Кочани Николчо Илијев на средбата со новинарите на која беа сумирани резултатите од работењето во тековната и најавени проектите за наредната година.

Според Илијев, буџет од 6,5 милиони евра само за развојни програми е нешто што не го очекувале и најголемите оптимисти.

„Покрај тие, помалку од 2 милиона евра од основниот буџет, сите други средства се од други извори, извори кои помагаат многу побргу да ги решаваме проблемите на граѓаните“ соопшти градоначалникот на Кочани.

Илијев образложи дека за голем дел од овие проекти се избрани изведувачите, некои веќе се воведени во работа што значи дека ова се проекти кои со сигурност ќе бидат реализирани бидејќи за нив целокупната финансиска конструкција е затворена.

Градоначалникот најави дека наскоро ќе следува свеченото означување на градбата на браната Речани, потоа дека седумте милиони денари од Владата наменети за изградба на живеалишта на станарите од Старата касарна се пристигнати на општинската сметка, а дека ќе се работи и на реконструкција на простории во Спомен домот „АСНОМ“, каде до неодамна беше лоциран Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“.

На средбата, градоначалникот Илијев и новинарите дискутираа за повеќе теми од суштинско значење, меѓу кои и за состојбите со информирањето и медиумите.

Сподели: