Градоначалникот Илијев не бил поканет но го поздравува протестот пред „Пејпер Мил“, директорката на ДИЖС Петровска вети решавање на проблемот

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев во денешната изјава за новинарите пред фабриката „Пејпер Мил“, во присуство на директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска, меѓудругото истакна дека го поздравува граѓанскиот протест што се одржа во саботата пред „Пејпер Мил“, но не присуствувал на истиот бидејки не бил официјално поканет.

-Првин морам да кажам дека го поздравувам протестот на граѓаните, бидејки тоа е демократско и легитимно право секој да го изрази своето незадоволство на начин на кој смета и тука немам ништо против. И јас сум бил учесник и дел од секој протест кој бил најавен и на кој сум бил поканет и ми е било дадено можност да го кажам своето мислење. Во овој случај не бев информиран и не бев дел од настанот што не значи дека јас како градоначалник не сум загрижен за целокупната состојба, туку напротив и јас и целото мое семејство живееме овде и го дишиме истиот воздух што го дишат и граѓаните. Го поддржувам секој легален протест на граѓаните и очекувам моите сограѓани да ги почитуваат одредбите и во иднина кога ќе се организира ваков протест да се организира на начин како што  е предвидено со закон, истакна градоначалникот Илијев.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петревска ги истакна заложбите на инспекторатот за решавање на проблемот и јавно вети дека проблемот со „Пејпер Мил“ ќе биде решен. Како што истакна, во зависност од резултатите на мерењето кое е закажано за 30 декември ќе зависи дали „Пејпер Мил“ ќе продолжи да работи. Доколку повторно има отстапување на вредностите на измерените параметри ќе бидат задолжени да работат исклучиво на  метан, а доколку тоа не е возможно ќе постои можност да се нареди престанок на функцијата на инсталацијата.

Посетата на директорката на Државниот инспекторат за животна средина доаѓа по покана на градоначалникот Николчо Илијев, а повод за истата е граѓанскиот протест што се одржа во саботата пред фабриката „Пејпер Мил“.

И. Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial