Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов даде отчет за сработеното пред граѓаните во првите 100 дена на власт

Во Мултикултурниот центар, градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов даде отчет за сработеното во првите 100 дена од практицирање на функцијата прв човек на општината.

Во деталниот осврт на изминатите 100 дена, Папазов даде акцент на реализацијата и почетокот на реализација на капитални проекти од интерес на граѓаните, во делот на инфраструктурата и комуналните работи, еколошки и младински активности и  остварената меѓународна соработка.

Еден од позначајните капитални проекти за кој Папазов зборуваше е почетокот на замената на главниот потисен цевковод, реконструкцијата на улицата „Роза Петрова“ со изградба на нови тротоари и паркиралиште, како и почетокот на изградба на канализациона мрежа во селото Тркање. Посебен акцент беше ставен на продожувањето на градежните работи на улицата „Стево Теодосиевски“ со поставување на атмосферска канализација и активности за доизградба на булеварот.

Во делот на комуналните работи поставени се подземни контејнери на четири локации во Кочани и расчистување на диви депонии на подрачјето на општината. Папазов ги истакна заложбите на локалната самоуправа за разубавување на околината преку реализација на планирано хортикултурно уредување и пошумување на градот и населените места.

Реконструирана е кровната конструкција на ОМУ „Ристо Јуруков“ како и почеток на градежните работи за промена на кровната конструкција на ОУ „Никола Карев“ во Кочани и замена на прозорци на неколку институции во општината.

Во делот на подддршка на млади во општината, во првите 100 дена локална власт доделени се стипендии за студенти од Општина Кочани, награди за најдобрите ученици од основните и средните училишта и признанија на најуспешните во спортот за 2021 година. Формиран е локалниот младински совет на Кочани, а во тек е јавен оглас за доделување на стипендија за спортска надеж.

Папазов истакна дека во изминатите сто дена остварени се средби со амбасадори, корпоративниот и невладин сектор заради зајакнување на меѓусебната соработката .

„Како приоритети во 2022 година можам да ги истакнам, изградбата на објекти за домување на незгрижени лица, активности за изградба на Стречки дом, изработка на проект за реконструкција на месноста Локубија со парковско решение, нов јужен влез на Кочани, изградба на препумпна станица за квалитетно водоснабдување и реконструкција на покриениот дел на Градскиот пазар, истакна градоналачникот Папазов.

Во делот на транспарентноста со граѓаните, Папазов ги истакна заложбите на локалната самоуправа за јавно и отчетно работење преку пренесување на седниците на Советот на општината во живо, воведување на апликацијата Мзаедница за интеракција со граѓаните и соработката која општината ја има со локалните медиуми.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: