Градоначалникот Папазов го посети првото новороденче во 2022 година во Кочани

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов доцна попладнево го посети првото новороденче во 2022 година и неговата мајка Ивана Тасева.

Папазов од името на граѓаните на Кочани им посака здравје и среќа на целото семејство со желби за убаво детство на новороденчето, врачувајки го традиционалниот златен подарок.

Мајката Ивана ја донесе на свет својата ќерка попладнево на десетина минути пред 15 часот на Акушерското одделение при Општата болница со проширена дејност – Кочани.

-Породувањето помина во најдобар ред и се чуствувам добро. Сакам да се заблагодарам на персоналот на кочанската болница, на докторот Илчо Атанасовски и акушерките Милка Димитрова и Катерина Ефремова кои го извршија породувањето. Ова е моја втора рожба и ќе го носи името Софија, изјави родилката Тасева.

Според гинекологот д-р Фонзи Јуруков породувањето поминало во најдобар ред, а бебето е родено со тежина од 3,4 килограми и должина од 50 сантиметри.

-На првиот ден од новата година се роди новиот жител на Кочани. Тоа е здраво женско новороденче, второ дете на мајката Ивана. Во текот на минатата 2021 година во болницата имаше повеќе новородени за разлика од претходната 2020 година. Да се надеваме дека 2022 година ќе биде уште побериќетна и ќе ни донесе многу повеќе жители на град Кочани, истакна д-р Јуруков.

И. Матеничарски

Сподели: