Во Мултикултурниот центар во Општина Кочани денеска се одржа трибина за регионален отчет „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“ на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, каде обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Отчет за сработеното дадаоа градоначалниците на Општина Кочани Љупчо Папазов, на Општина Зрновци, Борчо Коцев, на Општина Чешиново Облешево Далибор Ангелов, Општина Виница Миле Петков, градоначалникот на Општина Карбинци Виктор Паунов, Општина Штип Иван Јорданов, градоначалникот на Општина Македонска Каменица Димче Атанасовски, како и градоначалниците на Општина Пехчево Александар Китански и на Општина Ранковце Борче Спасовски.
– Во изминатите 100 дена започнавме повеќе од 1090 проекти. Од кој 166 капитални објекти низ целата територија на Македонија. Голем дел од овие проекти се реализирани токму и во општините кои денес даваат отчет, а за кој нивните градоначалници понатаму детално ќе говорат после моето обраќање. Започнати се со проектирање, градба или реконструкција нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 км. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се околу 200 диви депонии, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов даде отчет за сработеното во изминативе 100 дена при што ги истакна реализираните проекти во првите три месеци од управувањето на локалната самоуправа.
– Во периодот на преземањето на градоначалничката функција ја затекнав состојбата со реализација на проектот за изградба и поставување на атмосферска канализација на ул. Стево Теодосиевски во должина од 270 метри со 16 шахти и 6 собирни решетки. Реконструкцијата на градскиот парк ќе продолжи со уредување на делот од летната сцена и детскиот парк со нови реквизити опрема и нов под. Со реконструкцијата на ул. Роза Петрова, кракот и паркиралиштето се доби функционален простор со површина од 3000 квадратни метри, обезбеден сообраќаен пристап за станарите до објектите за колективно домување, се обезбеди паркиралиште за нови 90 места и добивме еден километар асфалтирана површина од ул. Роза Петрова, а во исто време на десната страна од истата улица ново тротоарско решение за безбедно и слободно движење на пешаците, истакна Папазов.
Тој додаде дека за овие 100 дена се работело интензивно и во насока на решавање на проблемот со отпадот во градот преку поставување на контејнери и чистење на повеќе диви депонии во околината на Кочани.
– Во централното градско подрачје на четири платформи се поставија контејнери за собирање на комуналниот отпад и во исто време селекција на останатиот отпад. Два контејнери се за комуналниот отпад, еден за пластика еден за хартија. Со ова ги избегнавме лошите и непријатни миризби на овие локации, расфрлањето на отпадот околу контејнерите, поместување на истите, а се обезбеди и заштита на јавниот простор. Комуналното јавно претпријатие беше ангажирано и во санирањето на голем број депонии во околината на Кочани. Беа исчистени и уредени, просторот околу фабриката за вода, повеќенаменското игралиште и антената во Трајаново Трло, депонијата во Прибачево и голем број останати депонии на територијата на Општина Кочани, потенцираше Папазов.
Папазов исто така истакна дека Општина Кочани грижата за животната средина ја манифестира преку учество во проектот за изработка на катастар на загадувачи на почвата, водата и воздухот, со што ќе се дефинираат истите и ќе се одредат превентивните и репресивните мерки за решавање на ваквите состојби.