Градската спортска сала да го носи името на кошаркарот Сашо Лазаров – Чапо

Градската спортска сала во Кочани да го носи името на кошаркарот Сашо Лазаров – Чапо е предлог на советникот во Советот на Општина Кочани, Венко Крстевски по кој треба да се изјаснат и останатите осумнаесет советници на утрешната седница на Советот на Општината.

Иницијативата на Крстевски доаѓа по прераната смрт на легендата на кочанската кошарка Сашо Лазаров – Чапо кој несомнено остави свој белег во развојот и афирмацијата на кошарката како спорт во Кочани.

-Сакам да ја известам јавноста дека дека како член на Совет на Општина Кочани и член на комисија за образование, спорт и култура во текот на вчерашната седница на Комисија поднесов предлог иницијатива за именување на нашата Градска сала по нашиот сограѓанин Сашо Лазаров – Чапо како заслужен спортист и граѓанин. Предлогот беше едногласно усвоен, се надевам дека исто ќе биде и на утрешната седница на Совет, истакна советникот Крстевски.

Долги години „Чапо“ беше дел од екипата на  „Деликатес“ од најславните денови на кошаркарскиот клуб од Кочани кој беше на врвот на македонската кошарка. Смртта го затекна прерано, како основач и предводник на кошаркарскиот клуб „Баскет Дино“  – Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: