По пауза од скоро два месеци, од денес повторно започна со работа Градскиот пазар во Кочани, што беше затворен во средината на март, поради пандемијата од болеста КОВИД-19.
Пазарот е отворен само за продажба на градинарски, прехранбени и земјоделски производи, што од друга страна, предизвика револт кај пазарџиите кои претходно продаваа текстил и облека и за кои забраната за продажба важи.
Дел од продавачите и купувачите носеа заштитни маски, но имаше и такви кои не се придржуваа кон задолжителните мерки за заштита.
Од Општина Кочани вчера упатија апел до продавачите и посетителите на пазарот за одржување меѓусебно растојание од 2 метра, како и задолжително носење на заштитна маска на лицето.
Пазарџиите кои ги затекнавме се задоволни од денешната заработка, но и тие, како и купувачите, ги чувствуваат последиците од економската криза што ги предизвика коронавирусот.
И.Матеничарски
Фото: A.Арсов