Градскиот пазар повторно реорганизиран- се враќа на старата локација

Повторна реорганизација на  Градскиот пазар во Кочани, одлучи Општинскиот кризен штаб, на денешната седница на која присуствуваа и претставници од локалните продавачи на текстил и облека на кочанскиот пазар.

Во заедничка дискусија се изнајде решение, продавачите на текстил од утре да се вратат на старата локација на улицата  „Гоце Делчев“, со што тезгите ќе се постават на тротоарот од десната страна на улицата, почнувајки од зградата  на „ЕВН“ Македонија па се до џамијата „Дуду Ханум“.

-Одлуката којашто ја донесовме ја усогласивме со потребата на продавачите на текстил и други непрехрамбени производи, одлуката што ја има донесено Советот во 2008 година за улицата „Гоце Делчев“ во овој момент да се применува делумно, односно да биде од  потегот од „ЕВН“ до џамијата, само од десната страна и тезгите да бидат поставени исклучиво на тротоарот со почитување на растојанието кое е пропишано од Владата, истакна градоначалникот Николчо Илијев.

Воедно Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ денеска ќе го обележи просторот, со што секој продавач ќе има 4 метра простор за тезга,а меѓу тезгите ќе има дополнително растојание од 2 метра.

-Донесовме компромисно решение. Моментално ситуацијата сеуште е критична. Благодарам на Општинскиот кризен штаб за разбирањето дека мора да работиме бидејки немаме други приходи. Од другата страна каде беше поставен пазарот немавме никакви услови, не можеше да се организира пазар бидејки просторот не е наменет за такво нешто, рече Неџати Идиќ претставник на продавачите на текситил од Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани, Никочо Илијев додаде дека организацијата на пазарот во минатото не ги задоволуваше потребните услови, а со оваа одлука треба да се наметне нова организација која ќе овозможи безбедност за продавачите, купувачите, но и жителите кои живеат на улицата „Гоце Делчев“, се до изнаоѓање на трајно решение за дислокација на Градскиот пазар.

Воедно од  Кризниот штаб информираа дека во моментот нема активни заболени лица од КОВИД-19 во Кочани.

Оттаму уште еднаш упатија апел до граѓаните да ги почитуваат превентивните мерките и препораките од надлежните органи, со цел превенирање и спречување на ширење на коронавирусот.

И.Матеничарски

Фото: А.Арсов

Сподели: