Гран–при награда за изворниот оркестар  „Осоговски извор“  – Оризари на 49. Фестивал „Пеце Атанасовски“ во Прилеп

Изворниот оркестар „Осоговски извор“ од Оризари ја доби Гран-при наградата на 49. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што викендов се одржа во Прилеп и на Рудина, Долнени. 

Младите и талентиран музичари на „Осоговски извор“, Никола Ѓоргиев – ќемане и вокал, Никола Стојов – тамбура и вокал, Бобан Анакиев – гајда и Боре Илиев на на тапан, ја добија гран- при наградата во конкуренција на околу 300 изведувачи од Македонија, Бугарија и Србија.

Оркестарот на изворни инструменти „Осоговски извор“ од Оризари, Кочани претставува продолжение на истоимениот оркестар кој се појавува под ова име уште во минатиот век кој го сочинуваа добро познатите Браќа Стојанови.

Денес го сочинуваат млади музичари кои на професионален план ја негуваат македонската изворна музика од пределот на Осоговските Планини. Покрај инструменталните изведби застапено е и машкото двогласно пеење кое е карактеристично за овој предел. Оркестарот има остварено неколку самостојни концерти како во земјава така и во странство. Успехот го потврдуваат признанијата кои ги добива и овациите од страна на публиката.

– Целта ја остваруваме – се негува, се зачувува и се пренесува богатиот изворен мелос на новите генерации. Сѐ повеќе млади ни доаѓаат. На прагот сме на петтата деценија од одржувањето на Фестивалот и горди сме што даваме придонес во негувањето на богатиот изворен мелос, истакна Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.

Во рамките на Фестивалот, по 13-ти пат се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни, а по четврти пат Симпозиумот за фолклорот во минатото и денес.

И. Матеничарски

Сподели: