Гран при награда за претставата „Тунел“ на јубилејното 60. издание на ДАФ

Гран при наградата „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава на 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија годинава и припадна на театарската група „Годо“ од Кочани за претставата „Тунел“, додека наградата за најдобра режија ја понесе Кристина Атанасова Арсова,  режисер на претставата.

На затворањето на 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија беа доделени награди за најдобра машка и женска главна и споредна улога, за истражување сценски изразни средства и експерименти како и во категоријата деца и младинци.

– Наградата за главна машка улога ја добива Даниел Гочевски за ликот на Драган Тарабунов во претставата „Драги уметници“, додека награда за главна женска улога и се доделува на Анџелиа Мирковиќ за ликот на Наталија Степановнова во едночинката „Просидба“ од Чехов, во продукција на Академското позориште од Ниш. Најдобра машка споредна улога добива Никола Кузмановски, додека награда за споредна женска улога добива Тамара Стојановска за улогата Лиза и Вики во претставата „Драги уметници“ и двајцата актери на театар „Чекори“ од Скопје. Награда за истражување сценски изразни средства и експерименти во аматерскиот театар ја добива претставата „Умрежени“ на КУД „Бранко Радичевиќ“ од Хрватска, додека во категоријата деца и младинци награда  добива претставата „Црвенкапа“ на Драмското студио „Летачка театарска група“ – Тетово, истакна Анкица Венинова, претедателка на жирито на 60. Издание на ДАФ.

На годинашново јубилејно издание на ДАФ на репертоарот беа прикажани 12 домашни и странски театарски групи од кои десет претстави беа одиграни во натпреварувачки и две во ревијален дел. Настапија театарски групи од Кавадарци, Кочани, Скопје и Тетово, од Прокупље, Ниш и Шид од Р. Србија, како и од Вуковар од Р. Хрватска. Надвор од конкуренција учествуваа народниот театар од Велес, како и театарска група од Турција.

– Додека се збогуваме со фестивалот, да го носиме духот на живиот театар во нас, да продолжиме да ги поддржуваме и браниме уметностите, да бараме настапи во живо и да ги негуваме неповторливите моменти кои ги подарува театарот. Театарот не е само место што го посетуваме, тоа е пламен што гори во нас, ги разгорува нашите страсти и не потсетува на нашата способност за емпатија, имагинација и креативност. Да продолжиме да ја славиме убавината, моќта и живоста на театарот, и секогаш запомнете ,Театарот е жив, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.

Финансиската поддршка за реализацијата на Драмскиот аматерски фестивал годинава обезбеди  Министерството за култура на Македонија, Општина Кочани,  ЕУ за тебе и спонзорства од бизнис секторот во регионот.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: