Непрописно паркирани возила, пешаци на коловозот и „диви“ пешачки премини e секојдневието на дел од улицата „Димитар Влахов“, на потегот од крстосницата кај зградата на Фондот за пензиско и здравствено осигурување, па долж улицата.
Пешаците честопати реагираат дека улицата е небезбедна за движење, токму поради возилата кои се паркираат на левиот тротоар од улицата.
Паркираните возила на тротоарот целосно го попречуваат движењето на пешаците, кои наместо на тротоарот , се движат на коловозот или по тесниот тротоар од десната страна на улицата, кој завршува со „див“, необележан и небезбеден пешачки премин.
Тие бараат локалните власти да постават столбчиња со кои ќе оневозможи паркирање на возилата на левиот тротоар, а возачите да се паркираат на обележаниот платен паркинг на десниот дел од улицата. Само на тој начин ќе се обезбеди безбедност на сите учесници во сообраќајот и решавање на проблемот со узурпираниот тротоар.
„Димитар Влахов“ е една од пофреквентните сообраќајници во централното градско јадро и е важен сообраќаен „крвоток“ во Кочани, поради што, потребно е изнаоѓање на изводливо сообраќајно решение на овој дел од улицата.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов