Граѓаните ги вратија комуналните возила на соседните општини – сака ли некој да исценира инцидент?

Граѓаните кои протестираат попладнево ги вратија комуналните возила со смет од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево кои се обидоа да депонираат отпад на кочанската депонија и покрај одлуката на Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување и на Локалниот совет за превенција на Кочани да престане да се донесува комунален отпад од соседните општини.

Ненајавни и очигледно искоординирани од некого камионите со смет од соседните општини за момент можеа да предизвикаат инцидент на блокадите  што очигледно тоа му оди во прилог на некого. Дека такви најави постојат го потврдува и партиското соопштение на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Виница кои меѓудругото соопштија „Доколку разговорите не вродат со плод за жал ќе се превземат крајни и најнесакани мерки да се отстранат блокадите за да може комуналниот отпад непречено да се собира од домаќинствата во општините Виница, Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево“.

За какви крајни и најнесакани мерки зборуваат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Виница и во кое својство го изјавуваат тоа останува нејасно за граѓаните на Кочани.

Меѓудругото, се поставува прашањето дали КЈП „Водовод“ – Кочани и Локалната самоуправа како управувачи на депонијата беа известени за денешниот обид за депонирање на отпад од соседните општини?

Очигледно е дека ваквото однесување може да предизвика несакани инциденти, па се поставува прашањето кој тоа сака да исценира инцидент на кочанските блокади?

И. Матеничарски

Сподели: