Граѓаните дадоа позитивно мислење за новата локација за изградба на објекти за домување за жителите од Старата касарна

Во Мултикултурниот центар, на јавна трибина жителите на урбанистичиот дел Градска четврт 5 во Кочани дадоа позитивно мислење во врска со предложената нова локација за изградба на објекти за домување на незгрижени лица од Старата касарна или лица од социјален ризик од општината.

На јавната трибина од страна на стручните служби од локалната самоуправа присутните беа запознаени со новата локација за изградба на објектите за домување. На трибината свои мислења и предлози за посочената локација дадоа присутните граѓани и претставници од невладини организации.

– Предлогот за локацијата за изградба на објекти за сместување на незгрижените лица или лица од социјален ризик се наоѓа на парцела со површина од 9113 метри квадратни и истата е лоцирана од десната страна на патот пред Фабриката за вода, односно на местото каде завршуваат последните куќи во Ромското маало. Локацијата е избрана поради тоа што се наоѓа до асфалтиран пат, а со изработката на Деталниот урбанистички план за Градска четврт 5  на тоа место е предвидена локација со намена А3 за заедничко или групно домување, истакна Дивна Цековска, раководител на Одделение за урбанизам и заштита на животната средина.

На јавната трибина граѓаните побараа од стручните служби дополнителни информации во врска со изградба на патна и водоводна инфраструктура, зелен појас и детско игралиште на локацијата.

– Во разработката на Деталниот урабанистички план за Градска четврт 5 ќе бидат предвидени за изградба улици и дополнителна инфраструктура. По тоа ќе се пристапи кон изработка на проект за изградба на водоводна и фекална канализација потребна за избраната локација која ќе ги задоволува потребите за објектите кои ќе се градат на тоа место, истакна Влатко Димитров, раководител на Сектор за уредување и располагање со градежно земјиште.

Лани во април, жители на населбата Трајаново Трло протестираа против изградба на објектите за домување на незгрижени лица од општината бидејки  избраната локација се наоѓаше во непосредна близина на населбата. Како причина за тоа беше наведено дека локацијата е несоодветна, нема потребна инфраструктура, а воедно станува збор за зелен појас. Повеќе од една година изградбата на објектите за домување е стопирана, се до изнаоѓање на нова локација за изградба.

Позитивното мислење на граѓаните за новата локација ќе биде појдовна точка на локалната самоуправа, проектот за изградба на објектите за домување на незгрижени лица да отпочне со реализација.

Сподели: