Близу 40 ударни дупки за една седмица маркираа граѓаните на Кочани по објавата на интернет – порталот „Гласно“ за пријавување на прекопи направени од КЈП „Водовод“ кои не се санирани.
Речиси и да нема улица во Кочани и населените места каде по извршен прекоп заради санација на дефект од водоводната мрежа се оставаат ископи длабоки и по десетици сантиметри.
Медиумскиот притисок наиде на одобрување кај читателската публика па виртуелното сандаче на „Гласно“ беше преполно со фотографии од најразлични локации во кочанската општина.
По објавувањето на фотографиите во одбрана на КЈП „Водовод“ на првиот работен ден по објавите се огласија од Локалната самоуправа на Кочани од каде информираа дека во некој следен период изведувачот „Коле транс“ ќе санира површини од 1600 м2 и прекопи на над 50 локации во градот.
Од КЈП „Водовод“ пак седмицата што изминува не нѐ удостоија со соопштение иако прстот беше вперен кон нив, не заради медиумот, туку заради граѓаните кои чекаат одговори кога и како кочанското комунално претпријатие ќе ги санира своите ископи. Единствено две ударни дупки на улицата „Страшо Ербапче“ и „Браќа Миладинови“ по објавите на „Гласно“ се санрани со бетон, информираа жители на двете улици.
На вас драги читатели Ви останува да се надевате дека по лавината од коментари и реакции по социјалните мрежи, „Водовод“ и раководните структури ќе изнајдат начин, средства и време да си ги санираат ископите.
И. Матеничарски
Фото обработка: А. Арсов