Граѓаните на Кочани утре избираат градоначалник и членови на Советот

Граѓаните на Кочани утре, недела (17.10.2021) на Локални избори ќе бираат градоначалник и членови на Советот кои ќе ја водат локалната самоуправа во следните четири години.

На Локалните избори во Кочани гласачите ќе бираат помеѓу двајца кандидати за градоначалник и 5 советнички листи за избор на 19 членови во Советот на Општина Кочани.

Ден пред локалните избори, во домашни услови гласаат болните и изнемоштени лица, ковид позитивните лица, лицата во затворите и старечките домови низ државата.

-Гласањето на болните и немоќни лица тече во најдобар ред. Денеска на територијата на Општина Кочани ќе гласаат вкупно 161 болно и изнемоштено лице и 9 лица кои се во изолација, истакна Билјана Димовска Гичева, претседателка на ОИК – Кочани.

Право на глас во Кочани имаат 32.926 жители, а ќе се гласа на 63 избирачки места, односно на 60 локации со оглед што на три избирачки места има запишано помалку од 10 избирачи кои ќе гласаат во соседното најблиско избирачко место.

По претходно утврден распоред на Општинската изборна комисија (ОИК), во тек е дистрибуцијата на избирачкиот материјал до избирачките места кои ќе бидат отворени утре (недела) од 07 ч. до 19 ч. Гласањето на локалните избори ќе се спроведе според утврдени здравствени протоколи за заштита од Ковид-19.

Интернет-порталот „Гласно“  во текот на утрешниот ден ќе го следи и навремено ќе информира за процесот на гласање и резултатите од Локалните избори во Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: