Граѓаните протестираа против загадувањето од фабриката „Пејпер Мил“

Стотина жители  на  Кочани под мотото „За чисто Кочани Македонија“ денеска излегоа на граѓански протест пред фабриката „Пејпер Мил“,  да го искажат незадоволството од загадувањето на воздухот предизвикано од оџакот на фабриката за хартија во Кочани.

Во знак на револт тие на почетокот го блокираа влезот на фабриката за хартија, а подоцна околу десет минути  оневозможен беше и сообраќајот на улицата „Тодосија Паунов“.

Тие неколкупати преку јавни изјави  и протести апелираа до надлежните да преземат посериозни мерки во справување со загадувањето во Кочани, а бидејки резултати нема, повторно излегоа на улица да го искажат револтот и пасивноста на институциите во врска со проблемот со загадувањето  што ги мачи жителите на Кочани.

-Целта на протестот е да се спротиставиме на загадувањето со кое се соочува Кочани веќе подолг период од неколку години. Врз основа на резултатите од мерните станици ние имаме утврдено дека најголем загадувач во околината е фабриката „Пејпер Мил“ и затоа протестираме.Нашето барање оваа фабрика да почне да користи поеколошки енергенс како што е метанот. Се надеваме дека ќе добиеме поддршка и од локалната самоуправа, од градоначалникот и дека тие ќе излезат со свој став и ќе се потрудат да преговараат со фабриката „Пејпер мил“ за да се изнајде заедничко решение.  Нашата цел не е фабриката да се затвори туку да ги почитува еколошките стандарди за работа- истакна Горан Илиев, учесник на протестот.

Граѓаните се согласни дека фабриката мора да користи поеколошко гориво во работењето со цел загадувањето да се сведе на минимум.

-Оваа фабрика мора да продолжи да работи на метан. Ние очекуваме во следните десет дена да  има одговор од надлежните институции, но ако тоа не се случи протестите ќе се радикализираат со  протест пред Министерството за животна средина во Скопје, рече Ана Симонова, претседател на здружението „Грин “ од Кочани.

Симонова додаде дека протестот е организиран од група граѓани, а здружението „Грин“ ја поддржува иницијативата. Таа информираше дека во тек е постапката иницирана од здружението за кривично гонење на фабриката и засега се чека одговор од Обвинителството во Кочани.

На протестот присутен беше и Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани од „Независната листа на граѓани“.

-Денешниот протест е епилог на гнев кај нашите сограѓани и ние планираме да го канализираме за да го решиме проблемот. За жал, не сум задоволен од бројката на присутни на протестот и оваа прилика ја користам да ги повикам политичките партиии да го повикаат нивното членство да излезе бидејки проблемот ги засега сите. Да излеземе заедно и да покажеме граѓански капацитет и моќ за проблемот да биде решен.  Проблемот мора да го реши Министерството за животна средина, а  локалната  самоуправа може да прави некој институционален притисок бидејки надлежностите и се ограничени – рече Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани од „Независната листа на граѓани“.

На протестот беа почитувани протоколите за здавствена заштита и истиот заврши мирно, со најава за нов, доколу барањата на граѓаните не бидат исполнети.

И.Матеничарски

Фото: А.Арсов

Сподели: