Реализацијата на неколкуте започнати капитални инфраструктурни проекти во Кочани се одвива во забавено темпо, регистрираше објективот на интернет-порталот „Гласно“, по денешната обиколка на градилиштата на неколку улици во Кочани.

Најголеми се реакциите за кружниот тек кај Атомските згради, изградба која веќе неколку месеци тапка во место. Во моментот освен поставените рабници од пред еден месец, кружниот тек се уште не е асфалтиран и оспособен за нормално одвивање на сообраќајот. Возачите кои ги затекнавме на лице се пожалија на бавната изградба на кружниот тек, при што посочија дека од ненармнините ги оштетуваат своите возила, а на кружниот тек поради намалената безбедност веќе се регистрирани и неколку сообраќајни несреќи.

Единствена активност денеска беше на екипите на КЈП „Водовод“ кои поставуваа земја за хортикултурно уредување на кружниот тек, а работници на изведувачот ги доработуваа разделните површини помеѓу коловозните ленти на улицата.
– Во постојана комуникација сме со изведувачите на градежните работи за кружниот тек кај Атомските згради. Изведувачите не информираа дека моментално постои недостаток на асфалт во асфалтните бази и поради тоа не може да се завршат отпочнатите градежни работи, односно да асфалтираат. Што се однесува до улиците „Раде Кратовче“ и „Гошо Викентиев“ таму во моментот се врши поставување на бетонски рабници по што ќе следи асфалтирање, истакна Дејан Рашков, секретар на Општина Кочани.
Жителите на улицата „Гошо Викентиев“ веќе шест месеци чекаат да се заврши реконструкцијата на улицата која по промената на водоводната мрежа и атмосферска канализација остана раскопана и неасфалтирана. Станува збор за реконтрукција на улица во должина од 340 метри. Од почетокот на март таму веќе започнаа активности за подготовка за асфалтирање како и промена на рабниците и изградба на тротоарска површина, но со забавено темпо.

„Ситни“ градежни активности се одвиваат и на втората сообраќајна лента на улицата „Стево Теодосиевски“. Таму во ноември минатата година беше поставена нова атмосферска канализација и нови рабници, а улицата која треба да прерасне во булевар се уште е во фаза на изградба.

На улицата „Раде Кратовче“ од неодамна започна поставување на нови рабници и уредување на тротоарската површина, но нејзиното асфалтирање како и кружниот тек кај Атомските згради ќе почека се до обезбедување на асфалт во асфалтните бази.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов

