Граѓани испратија реакција до интернет – порталот „Гласно“ во врска со состојбата на Градските гробишта во Кочани во која велат дека се прават големи загуби на вода од поставените јавни чешми и реагираат на ниската хигиена на локацијата.

– Хаосот на Градските гробишта во Кочани трае со месеци. Во прилог ви испраќам видео на кое се гледа како во минута се губат стотици литри пивка вода, поради по којзнае кој пат украдени чешми од несовесни граѓани. Поради тоа патеките за движење на посетителите се преплавени со вода, па мораме да минуваме помеѓу гробните места за да обиколуваме. Реагираме и на хигиената во гробиштата, преплавено е од отпад кој нередовно се изнесува. Тревата се коси нередовно, а остатоците од искосната трева остануваат и не се изнесуваат од Градските гробишта. Честопати има и уништување на надгробни споменици и плочи од непознати сторители. Реагираме до надлежните да се стави ред на Градските гробишта во Кочани, стои во писмената реакција испратена до интернет – порталот „Гласно“.


