Граѓаните се против изградба на паркинг – платформа на Големиот паркинг во Трговскиот центар

На јавна трибина, граѓани и претставници на Локалната самоуправа на Општина Кочани, синоќа во Мултикултурниот центар дискутираа за предлог – идејата за изградба на монтажна паркинг  платформа на „Големиот паркинг“ во Трговскиот центар во Кочани.

Претставници на општинските служби ја образложија идејата за реализација на проектот преку кој планирано е да се се добијат дополнителен број на паркинг места во центарот на градот. Идејата е да се направи паркинг – платформа на „Големиот паркинг“ со која би се зголемил капацитетот од сегашните 45 на 90 паркинг места. Преку тоа ќе се придонесе кон зголемување на постоечките паркинг места и растеретување на сообраќајниот метеж на улиците.

Најголем дел од присутните на јавната трибина, сопственици на деловни објекти во Трговскиот центар и станари во зградите од Блок Б беа против ваквата идеја за изградба на паркинг – платформа.  Тие истакнаа дека со ваквото решение ќе се изврши дополнително заробување на просторот,  платформата ќе биде неуфункционална и естетски лоша за самиот простор и економски неисплатлива.

Дел од присутните граѓани дадоа свои идеи за реализација на замислата за изградба на паркинг – платформа на локации окоу Основниот суд во Кочани и новиот булевар „Стево Теодосиевски“.

Евентуалната изградба на монтажна паркинг – платформа на Големиот паркинг во Трговскиот центар би се реализирала преку долгорочно задолжување на Општина Кочани кај деловни банки во износ од над 500 илјади евра.

И. Матеничарски  

Сподели: