Граѓани на Кочани со предлози учествуваа на јавната расправа за креирање на буџетот на Општина Кочани за 2025 година

Синоќа, во салата на Мултикултурниот центар во Кочани, се одржа јавна расправа за прибирање предлози од граѓаните за креирање на Буџетот на Општина Кочани за 2025 година.

На консултативната средба, граѓани, претставници на урбани и месни заедници и на институции говореа за потреби за реализација на инфраструктурни проекти: водоводна, атмосферска и фекална канализација, општински патишта и улици, јавно осветлување и предлози од други надлежности на единицата на локалната самоуправа определени со закон. Беа истакнати потребите од изградба на Старечки дом, ново решение за Градскиот пазар, изградба на јужен булевар, на пристапни улици…

Секретарот на Општина Кочани Драган Ананиев го истакна значењето на учеството на граѓаните во креирање на Буџетот за следната година и изрази благодарност за соработката.

До 18 октомври граѓаните своите писмени предлози можат да ги достават и во електронска форма на е-адресата: info@kocani.gov.mk или преку Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани (со назнака: за јавен повик за предлог-проекти  за развојни програми од делот на инфраструктурата, комунални работи, урбанистичко планирање и сл.), додека предлозите од областа на спортот, културата, социјалната заштита и сл. можат да се достават најдоцна до 20 ноември 2024 година.

Сподели: