Граѓанската иницијатива за чист воздух поднесе претставка до Основното јавно обвинителство за повторно разгледување на кривичната пријава против „Пејпар Мил“

Граѓанската иницијатива за чист воздух во Кочани денес поднесе претставка до Основното јавно обвинителство во Кочани преку која побараа во најкус можен рок, обвинителството повторно да ја разгледа и да се произнесе по поднесената кривична пријава за загадување на животната средина од страна на фабриката за хартија „Пејпар Мил“.

Вишото јавно обвинителство во Штип, во ноември минатата година наложи на Основното јавно обвинителство во Кочани повторно да ја разгледа кривичната пријава против „Пејпар Мил“, поднесена од здружението на граѓани „Греен.орг“, откако претходно кочанското обвинителство ја одби поднесената пријава.

Граѓаните реагираат дека од ноември лани, па до денес, Основното обвинителство се уште се нема произнесено по кривичната пријава против фабриката за хартија во Кочани.

– Како што целата кочанска јавност е запознаена, повеќе години трае спорот на кочанчани со фабриката „Пејпер Мил“, а поради начинот на кој истата работи, односно поради пласманот на штетни материи во воздухот и во водите. Истото е констатирано и од страна на надлежните инспекциски органи, а фабриката е прекршочно казнета. Пред една година со посредство на едно здружение од Вас беше побарано да покренете тужба. Истото го отфрливте со тврдење Non bis in idem, иако тоа не е случај: Вие немато покренато НИТУ ЕДНО обвинение против споменатата фабрика. Оттука, Вишото јавно обвинителство Ви го има вратено предметот на повторно разгледување. Ние, како граѓани, очекуваме и бараме истото да биде процесуирано пред општинскиот суд Кочани во најкраток можен рок, стои во претставката на Граѓанската иницијатива за чист воздух во Кочани поднесена до локалното обвинителство.

Кривичната пријава против компанијата „Пејпар Мил” и нејзиното раководство беше поднесена во средината на минатата година поради прекумерното и недозволено испуштање чад од фабричкиот оџак и загадување на животната средина.

Пријавата е поднсена против фабриката и одговорното лице во компанијата и се однесува за нарушување на здравата животна средина според членот 218 од Кривичниот законик.

Од граѓанската иницијатива уште еднаш потсетија дека за в сабота, 5 март со почеток од 12:05 ч. е закажан голем граѓански протест пред „Пејпар Мил“.

И. Матеничарски

Сподели: