Граѓанска реакција – Недостатокот на паркинг места на Пониква ги одвраќа посетителите  

До интернет порталот „Гласно“ пристигна реакција на граѓанин во врска со недостатокот на паркинг места на СРЦ „Пониква“ за време на викендот кога Пониква беше посетена од гости од целиот регион во која се вели:

– Како за промена вчера беше организиран настан на Пониква за младите што привлече голем интерес за посета на Пониква што е за пофалба за организаторот и се надевам дека ќе продолжи со исто темпо.

Проблемот е што секогаш на Пониква има сообраќаен хаос, застои и недостаток на паркинг места. Овие нерешени проблеми може да го демотивираат секој иден посетител на Пониква да ја посети повторно или да инвестира во неа. Секој чест на волонтерите на ДПД – Кочани што се ангажираат и на минусни температури цел ден  ставаат ред иако тоа не е нивна работа и немаат големо искуство во тоа.

Вчера на Пониква еден период се пропуштаа возила само од други општини со објаснување дека тие се од подалеку, а локалните гости се враќаа назад и немаа можност да стигнат до крајанaта цел.

Граѓаните предлагаат да се вложат средства во просторот кај аеродромот што го израмнија  сега, да се обележи и да се користи како паркинг, а не возилата да се враќаат со образложение дека нема паркинг.

Вака не се развива туризмот, некој инвестира на Пониква и привлекува туристи кои очекува и да му се вратат, а надлежните не можат да обезбедат паркинг простор за секој турист да има можност да се паркира и да помине убав ден на Пониква, стои во реакцијата испратена до интернет-порталот „Гласно“.

Сподели: