Граѓанска реакција – Се фрла секаков отпад, контејнерите ретко се празнат, бараме реакција на комуналните инспектори

До интернет-порталот „Гласно“ за рубриката „Гласно репортер“ пристигна реакција од граѓанин во која се реагира на неконтролираното фрлање на секаков вид отпад од страна на граѓаните и нередовното чистење на контејнерите на булеварот „Тодосија Паунов“ во Кочани.

– Многу често навечер пешачиме по улицата „Тодосија Паунов“ од двете страни почнувајќи од автобуската станица па до последниот кружен тек. Во последно време се почесто забележуваме наши сограѓани кои фрлаат секаков отпад по тротоарот, кантите и контејнерите. Скоро секогаш и кантите и контејнерите се полни и ретко се празнат. Освен обично ѓубре, многу често сме сведоци и на отпад од автомобилски гуми и улје.  Најпрвин упатуваме апел до нашите сограѓани да внимаваат каде и каков отпад фрлаат. Но исто така сакаме да ги известиме преку Вашиот медиум и комуналните инспектори дека почесто треба да излегуваат на терен и да си ја вршат својата работа.

Особено сакаме да ги информираме надлежните служби во „Водовод“ дека е потребно почесто континуирано собирање на отпадот од кантите и тротоарите, секако и контејнерите, а уште попотребно е да се метат тротоарите. Бараме да тротоарите да се заметат бидејќи од таму нашите деца одат и се враќаат до средното училиште.  Се надеваме дека нашата молба и нашите барања ќе бидат примени добронамерно од надлежните и конечно Кочани ќе започне да се враќа на старите патеки и да биде најчист град во Македонија, стои во испратената реакција.

Сподели: