Граѓански активизам во Кочани: Свежо цвеќе со желби за побрзо заздравување за пациентите со Ковид

Граѓански активисти денеска ја посетија болницата во Кочани каде што на пациентите згрижени во Ковид центарот им подарија свежо цвеќе со желби за побрзо заздравување.

Цвеќињата се обезбедени од Радмила Јосифова, а аранжирани со помош на Даниел Апостолов и Сара Ристова. Денешната активност ја поддржаа и земјоделската аптека „Таурус“ со донација на овошје и „Магнолија“ кои донираа средства за лична хигиена.

Во изминатава недела „Автотехна“ – Фудулски обезбеди заштитни маски, а од Здружението на возачи – Кочани скафандери за повеќекратна употреба за возачите на Итна медицинска помош и за персоналот на службата за радиодијагностика како и  заштитни мантили за останатиот ковид персонал во болницата. Семејството Атанасови донираше средства за дезинфекција, а финансиска поддршка пристигна и од семејството Диванисови кои престојуваат во Данска.

За следната недела се очекува да пристигнат оксимери и безконтактни тополомери, донација од нашата сограѓанка Јасминка Спасевска која живее и работи во Италија, додека пицеријата „Филитеа“ продолжува со обезбедувување на оброци за персоналот, а на иницијативата се приклучува и пекарата „Балкан Лукс“.

Граѓанските активисти уште еднаш апелираа до сите сограѓани и стопанственици да се приклучат кон хуманата иницијатива и во рамки на своите можности да донираат.

Сподели: