СДСМ и коалицијата вечерва во Градскот парк во Кочани одржаа митинг за промоција на кандидатот за претседател на Македонија, Стево Пендаровски.
Во својот говор од Кочани, Пендаровски порача дека СДСМ ја гарантира иднината на Македонија.
– Со договорите што ги постигнавме, на долг рок ја загарантиравме иднината на Македонија. Влеговме во НАТО и ги отворивме вратите на ЕУ. Ниту една власт претходно немаше политичка храброст, а нас ни беше на прво место. Во нивно време, на меѓународен план земјата беше комплетно изолирана, без стратешки пријатели, раскарана со соседите. Не смееме повторно да се враќаме назад, затоа што граѓаните сакаат убав и спокоен живот дома. На 24 април знам дека граѓаните ќе го одберат бројот 1 за европски развој, рече Пендаровски.
Пендаровски истакна дека потребен е целосен ветинг на политичарите, но особено на судиите и обвинителите и тоа треба да се случи што е можно побрзо.
– Да не постои таков сомнеж или генерална перцепција кај народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари од наплатна рампа се оди во затвор, а за украдени милијарди се живее лагодно на некој од даночните рајеви, за да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг, за проверка на секој од нас, посочи Пендаровски.
И. Матеничарски