Граѓански протест против чадењето на депонијата – се бара итна дислокација и третирање со морски алги  

Жители на Кочани и околните населени места попладнево излегоа на граѓански протест против загадувањето предизвикано од чадењето на Градската депонија кај селото Бели во Кочани.

Преку едночасовно блокирање на кружниот тек кај Двојниот мост во Кочани упатија апел до надлежните институции да преземат итни мерки за заштита на населението од енормното загадување предизвикано од чадењето од Градската депонија.

– Во саботата бев село Бели каде разговарав со жителите кои најдиректно се засегнати и изложени на секојдневна тортура истите изјавија дека животот им е претворен во хорор филм, дека се изложени на секојдневна тортура и тровење со тешки хемикалии кои ги вдишуваат, дека се исплашени за здравјето на нивните деца и дека овој злостор мора да престане. Жителите на Бели порачаа дека бараат итна дислокација на депонијата како што околните општини Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци ги затворија своите депонии и си го решија проблемот со загадувањето, па сега сметот го носат во нашата депонија. По тој принцип жителите на село Бели бараат градската депонија која денес игра улога на регионална депонија да се затвори и конзервира како што стои во програмата на актуелниот градоначалник на општина Кочани и на нејзиното место да се изгради еко-парк. Бараме итна дислокација на градската депонија и за истата цел уште утре ќе отпочнеме со постапката за граѓанска иницијатива и собирање потписи за итна дислокација на депонијата. Бараме ромите кои живеат на депонијата да бидат отстранети од таму бидејќи прават штета и ја потпалуваат депонијата. Бараме КЈП Водовод да започне со третманот со алги со цел да се стави загадувањето под контрола се до моментот на дислокација на депонијата, истакна Марио Паунов, граѓански активист од Кочани.

На протестот беше побарано и Министерството за внатрешни работи да преземи мерки во врска со индициите за намерното потпалување на депонијата како и во врска со неовастеното присуство на лица во кругот на депонијата.

Претставници на граѓански здруженија соопштија дека со проблемот е запознаен и заменикот Народниот правобранител, Јован Андоновски при што од негова страна преку дописи до надлежните институции се дадени насоки за постапување. Според неофицијална статистика во месеците април и мај годинава во Кочани се дијагностицирани и нови 328 лица заболени од канцер.

Граѓаните упатија критика и до државните, локални власти и еколошки здруженија за нивната пасивност во решавањето на проблемот со депонијата која ја загадува кочанската котлина.

И. Матеничарски

Сподели: