Граѓански реакции – Загадување, мерни станици, „Пејпар Мил“ ,бла, бла, бла

Со почетокот на новата грејна сезона и рестартирањето на работата на фабриката „Пејпар Мил“ одново и одново почнува да се актуелизира прашањето за загадувањето на воздухот во Кочани.

Изминативе недели социјалните мрежи „вријат“ од коментари и фотографии за загадениот воздух, фотографии од чадењето на оџакот на  „Пејпар Мил“, критики за доцнењето со поставувањето на мерни станици за квалитет на воздух и редица низа прашања – без конкретни одговори.

Фабриката „Пејпер Мил“ по рестартирање на своето производство повторно  е актуелна тема. Граѓаните реагираат за загадувањето од фабричкиот оџак (и со право) , Државниот инспекторат за животна средина преку „плитки“ соопштенија повторно ги уверува граѓаните на Кочани дека „се е во ред” или „ќе биде“, а НЕ е, а локалната самоуправа на Кочани „длабоко“ заспана, без идеја и концепт за решавање на било кој суштествен проблем во Кочани, а најмалку проблемот со загадувањето на градот.

Трите мерните станици за контрола на квалитетот на воздухот во Кочани за кои Советот на Општина Кочани оваа пролет донесе одлука да бидат поставени со средства од Буџетот се уште не се поставени. Се чека јавна набавка за тендер, но како што стојат работите тоа тешко дека ќе се случи во блиска иднина или „ќе се случи“ – ама ако има струја…

Граѓанскиот активизам – „на батерии“. Кога има загадување се „гласни“, кога загадувањето ќе стивне и проблемот навидум ќе се „реши“ – „тивки“, односно чекаат одново и одново еден ист проблем да се дорешава по неколку пати, без цел, без идеја, без нешто конкретно. Пример? Илјадниците потписи на наши сограѓани кои се собраа изминатиов период против загадувањето и за што се дигна и голема „медиумска фама“ очигледно завршија во некоја фиока, иако требаше да стигнат до разноразни влади, амбасади  и некакви си светски, белосветски и европски судови за некаква си правда.

А „седмата сила“ ако така можат да се наречат локалните медиуми кои опстојуваат или подобро кажано преживуваат (некои полошо, некои уште подобро) на локалниот медиумски простор ги интересира се, освен реалните проблеми на граѓаните.

Пишуваат за успесите на локалната самоуправа, за смешните прес-конференции на политичките партии, нефункционалниот Совет, за успесите на  училиштата, библиотеките, невладините, владините, полицијата итн…. за се помалку битно или воопшто небитно.

И нив (нас), и сите останати чинители во општеството за жал, како да ги понесе ветрот на нефункционалниот систем, држава и општество без вредности. Ама нели, државата е народот, а народот сме ние!

Уреднички коментар

Сподели: