Претставници на Иницијативниот одбор за здрав живот во Кочани остро реагираат на начинот на кој беше реализирана еко-акцијата за пролетно пошумување на месноста Рамни Ниви кај селото Бели, при што ги обвинија надлежните дека е злоупотребена улогата на локалната самоуправа за промовирање на настан на приватна компанија.
Од Иницијативниот одбор истакнаа дека настанот бил искористен за туѓи промотивни интереси под покровителство на Општина Кочани, при што наместо одбележување на Денот на пролетта, настанот преминал во пропаганда на компанијата „Пејпар Мил“ која ја сметаат за еден од поголемите загадувачи во градот.
-Реагираме затоа што беа злоупотребени граѓаните кои учествуваа на акцијата за пошумување, но и Општината, како граѓански имот и градоначалникот, за кого излегува дека ние го плаќаме за компаниска реклама. Не сме против активностите за пошумување, како што се обидуваат да нè обвинат, но не ја гледаме целта да се пошумува со донација вредна илјада евра од компанија која го загадува воздухот со испуштање штетни честички и јаглероден моноксид. Со тоа тивко се уништува здравјето на луѓето и се губат човечки животи, а се прави реклама на приватна компанија која едноставно го убива градот. Дополнително ни пречи е што беа злоупотребени малолетни лица, ученици од училиштата, а знаеме дека на само педесетина метри од фабриката што се рекламира е СОУ „Гошо Викентиев“, истакна Горан Лефков од Иницијативниот одбор за здрав живот во Кочани.
На настанот, како што информираат еко-активистите биле вклучени и малолетни лица од воспитно-образовните институции што спред нив е злоупотреба, а за случајот се интересирале и од детската амбасада „Меѓаши“.
Во меѓувреме на два пункта, во Трговскиот центар и кај Автобуската станица продолжува собирањето потписи од граѓаните на Кочани, против загадувањето на воздухот, водата и почвата, со барање до надлежните државни и локални институции да преземат соодветни мерки.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов